Италија е пресилна за Македонија, храбрите „спартанци“ го завршија настапот на ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација забележа пораз од Италија во осминафиналниот дуел од Европското првенство. „Аѕурите“ ја оправдаа фаворитската улога и славеа со убедливи 3-0, по сетови 25-20, 25-12 и 25-15.

„Спартанците“ одиграа храбро и во првиот сет се прикажаа во солидно светло, но тоа беше недоволно за поголемо изненадување против актуелниот европски и светски шампион. Италија ја покажа својата сила и сосема заслужено дојде до победата која им ја обезбеди „визата“ во четвртфиналето. 

Македонија оствари забележителен успех, нашите одбојкари остварија два триумфа во групната фаза и со тоа првпат во историјата се најдоа меѓу најдобрите шеснаесет селекции во Европа. Момчињата на селекторот Јошко Миленковски беа во одлично расположение и во Скопје ги совладаа Црна Гора и Данска, но сепак, нашата авантура на континенталниот собир заврши со мечот против апсолутниот фаворит. 

Најефикасен во нашиот табор беше Александар Љафтов со девет освоени поени, а еден помалку забележа капитенот Никола Ѓоргиев. 

Останува впечатокот дека одигравме одлично Европско првенство, а сето тоа треба да претставува мотив повеќе и поттик за уште подобри резултати во иднина. 

Пласманот во осминафиналето (9-16 место) е најдобар резултат на македонската одбојка во историјата.