Историја за Вардар и Младост УГД во одбојкарскиот Куп на Македонија

Одбојкарките на Вардар ЕМ Скопје го приредија првото големо изненадување во Купот на ОФМ во женска конкуренција. Вечерва во првиот натпревар од четвртфиналето со 3-0 (25-23, 25-20, 27-25) го елиминираа ланскиот полуфиналист и повеќекратен освојувач на куп-пехарот Работнички

Во напнат и неизвесен, на моменти и нервозен дуел, „црвено-црниот“ тим остана мирен во клучните моменти и стигна до историски успех - пласман на Ф4. „Вардарки“ претходно во осминафиналната рунда му земаа мерка на уште еден градски ривал и лански учесник на Ф4, Фит Фан Волеј.

Вардар ЕМ во пролетниот дел од сезоната игра во нагорна линија како во првенството, така и во Купот и дефинитивно ќе биде убаво освежување на финалниот турнир.

Историски клупски успех и за Младост УГД, кој премиерно букираше билет на Ф4 во Купот на ОФМ 2026 откако во четвртфиналето со 3-1 (25-22, 23-25, 25-23, 25-19) го победи ланскиот финалист Јанта Волеј КВ.

Противниците кои се меѓу најсериозните кандидати во трката за првенствената титула одиграа натпревар во кој одлучуваа нијанси. Штипскиот состав потврди дека е во одличен ритам, па откако во првенството му го зададе првиот удар на лидерот, сега во Купот елиминираше еден од фаворитите.

Младост УГД за првпат ќе игра на финалниот турнир од Купот заедно со бранителот на титулата, Наковски Волеј, кој со 3-0 (25-14, 25-17, 25-17) го совлада тимот на Струмица жени.

Последниот учесник на завршницата од Купот на ОФМ 2026 кај девојките ќе биде познат на 11 март кога ќе играат Газели Волеј и Пелистер Волеј.