• Саше Љолес
Репрезентацијата на Франција го забележа вториот триумф на Европското првенство во одбојка и славеше со 3-1 над Португалија, по сетови 25-21, 25-27, 25-19 и 25-15.
Потугалците се прикажаа во солидно светло во првите два сета, но потоа квалитетот на „триколорите“ дојде до израз и славеа заслужен триумф, втор за нив во групата „Д“.
Хрватска во тежок меч успеа да ја надигра Украина и триумфираше со 3-2, по сетови 17-25, 25-22, 20-25, 25-15 и 15-13. „Коцкестите“ имаа многу проблеми во првите три сета и се прикажаа во прилично бледо светло, но сепак, успеаја со голем пресврт да стигнат до првата победа во групата „Б“.
Холандија ја „здроби“ Црна Гора со убедливи 3-0, по сетови 25-19, 25-18 и 25-20. „Лалињата“ во салата „Борис Трајковски“ играа пред малубројна публика и сега се израмнија со македонската репрезентација, со која имаат по три бодови во групата „Ц“, каде својот меч допрва го играат Полска и Чешка.
Селекцијата на Србија ја оправда фаворитската улога на натпреварот со Белгија и славеше со 3-1, по сетови 25-22, 18-25, 25-20 и 25-20.
„Орлите“ малку побавно го започнаа мечот и им дозволија на Белгијците убедливо да го освојат вториот сет, но потоа работите се вратија „во нормала“ и нашиот северен сосед заслужено стигна до втората победа во групата „А“.