Голема победа на Струмица жени, Работнички жени падна на четвртото место 

Фаворизираните екипи ја потврдија улогата, а Струмица жени го доби дербито со Работнички Скопје и на сметка на противничките го презеде третото место на табелата во најквалитетната македонска одбојкарска конкуренција. 

По рамноправниот натпревар во првите два сета, домашниот тим беше убедлив во преостанатите и ја забележа осмата сезонска победа, прва во третиот меѓусебен меч со освојувачките на двојната круна од 2019. Тоа беше доволно составот на Струмица жени да исчекори на третата позиција, затоа што има подобар сет-количник од Работнички Скопје, кој е во лоша форма со три порази на последните четири лигашки настапи.

 По шестото коло од Втората фаза-1, елитна во овој сегмент од Првата лига, на врвот и натаму е Вардар жени 2019 и Јанта волеј Кисела вода, со идентичен биланс 11-1. „Црвено-црните“ се радуваа на гостувањето кај Универзитет во Тетово, а Јанта волеј Кисела вода на теренот на Наковски волеј. Со оглед дека имаат два бода повеќе, во дербито на двете најдобри наредното коло, вардарки ќе влезат од водечкото, а одбојкарките на Јанта волеј од второто место.

Една промена на табелата имаше и во Втората фаза-2. Македонија Макс триумфираше кај Бами Кор со 3-0 и со четвртиот успех во низа, влезе во првата четворка во оваа конкуренција. Ускана, пак, загуби трипати по ред, а со таа низа се пресели на петтото место. Последниот пораз на кичевки беше во Скопје во пет сета од Фит фан волеј, кој иако загуби бод, успеа да остане лидер и покрај победата на Јанта волеј Форца над Виктори волеј со 3-0. Немаше изненадување ниту во Битола каде што Пелистер волеј го совлада УГД Студент без да им препушти сет на ривалките, а со тоа и натаму е третопласиран со две победи повеќе од Македонија Макс и од Ускана.

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (6.коло)

Универзитет во Тетово – Вардар жени 2019 0:3 (16:25, 18:25, 11:25)
Наковски волеј – Јанта волеј Кисела вода 0:3 (21:25, 16:25, 18:25)
Струмица жени – Работнички Скопје 3:1 (26:24, 22:25, 25:19, 25:15)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (6.коло)

Фит фан волеј – Ускана 3:2 (25:27, 25:18, 25:7, 19:25, 15:10)
Јанта волеј Форца – Виктори волеј 3:0 (25:17, 25:15, 30:28)
Пелистер волеј – УГД Студент 3:0 (25:22, 25:21, 25:13)
Бами Кор – Македонија Макс 0:3 (16:25, 15:25, 15:25)