ГОК Борец аутсајдер кај лидерот во струмички „Парк“

Пред собирот на македонските репрезентативци за почеток на тренажниот процес за настап во јануарските квалификации за Европското првенство 2021, на домашната сцена ќе заврши воведното коло од Втората фаза -1 во најсилната машка лига, во коешто во дербито во средата Вардар славеше над Универзитет во Тетово на гостински терен. Без оглед што му вратија на ривалот за поразот во првиот меѓусебен дуел сезонава во октомври, црвено-црните останаа третопласирани, но во случајов поради еден загубен сет повеќе во вкупниот биланс. Двете екипи имаат по осум победи и по 24 бода, па на паузата во првенството, за нијанса подобриот сет-количник ќе ги одржи тетовци веднаш зад водечката Џио Струмица. Последниот освојувач на двојната круна кај нас и се уште актуелен бранител на двата трофеја досега има максимален ефект, а важи за голем фаворит и во денешната пресметка со ГОК Борец. Велешани успеаја да влезат во елитното друштво што е голем успех, но во оваа конкуренција тешко дека ќе можат да парираат.

Неизвесност не би требало да има и во натпреварите од Втората фаза -2 во којашто шест екипи ќе одиграат вкупно десет кола за да го одлучат конечниот пласман на крајот на сезоната 2020/21. Шкендија денеска ќе го пречека составот на Дибра волеј којшто досега не освои ниту еден сет, па тетовци веќе можат да го бројат шестиот првенствен триумф. Штип УГД Штип засега има четири, но може да го подобри билансот доколку го повртори резултатот од минатиот викенд против Јанта волеј, исто така во својата сала. Во добар ритам влезе и Лирија, забележа три победи, последната против Весна Пробиштип, истиот противник којшто утре повторно ќе гостува во салата на ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово. Во случај да загубат, пробиштипјани ќе имаат заостанување од две победи во однос на Лирија.

Втора фаза-1, (Прво коло)
Универзитет во Тетово – Вардар 1-3 (20-25, 25-21, 21-25, 19-25)
Џио Струмица – ГОК Борец (петок, 19:30)
Втора фаза-2, (Прво коло)
Шкендија – Дибра волеј (петок, 18:00)
Штип УГД Штип – Јанта волеј (сабота, 14:00)
Лирија – Весна Пробиштип (сабота, 19:30)