Ѓорѓиев: Желбата за победа нè „изгоре“, но ништо не е загубено на ова ЕП

Одбојкарската репрезентација на Македонија имаше прв натпревар за заборав, бидејќи загуби со 3-1 од домаќинот Финска на Европското првенство.

По поразот, своето мислење го изнесе капитенот Никола Ѓорѓиев. Според него, преголемата желба за победа и добар резултат имала негативно влијание врз тимот, а тој смета дека Македонија е поквалитетна од Финска. 

„За жал го загубивме првиот натпревар против Финска. Мислам дека се случи истото како и пред две години, изгоревме од таа желба за победа. Сè уште тврдам дека сме подобра селекција од нив, меѓутоа не го покажавме тоа на теренот. Жал ни е и мака на сите, по непростпиената ноќ сме тука пак, сите заедно разговаравме и гледавме видео од натпреварот. 

Ќе се подготвуваме за наредните четири натпревари, кои се пред нас. Историјата покажува дека секој следен натпревар го играме подобро, така што се надевам и овојпат ќе биде така. Се надевам дека ќе ја израдуваме Македонија, бидејќи борбата за осминафинале сè уште не е готова“, изјави капитенот. 

На овој турнир ништо не е загубено, но сега ќе мора да се оди по потешкиот пат. Македонија треба да брка две победи во групата, ако сака да се надева на пласман во нокаут фазата.