Ѓорѓиев за еден час се размина со ужасот во Турција: Сите загубивме по некого!

Македонскиот одбојкарски репрезентативец Ѓорѓи Ѓорѓиев направи трансфер во Турција и е дел од Манас Енерџи Хатај Бујукшехир Беледије, клуб кој доаѓа од една од погодените области од катастрофалниот земјотрес кој ги зафати Турција и Сирија.

За среќа на нашиот репрезентативец, тој и неговиот тим за еден час се разминале со трагедијата која однесе преку 15.000 животи и ги разурна во целост повеќе области.

„Фала му на Бога, имавме натпревар од првенството на Турција на гостински терен кај Токат. Патувавме скоро десет часа по крајот на мечот и точно еден час пред Хатај, започна катастрофалниот земјотрес. Тоа ни ги спаси животите на целиот тим.

Уште во автобусот почувствувавме дека има земјотрес, но во него беше полесен. Кога дојдовме во Хатај бевме избезумени од глетката. И нови и стари згради беа срамнети со земја. Се обидовме да помогнеме колку можеме и како можеме, ама, всушност, не можевме да направиме ништо веднаш... Уништени беа и сите болници.

Еден од тренерите на тимот ги загуби сопругата и трите деца во рушевините. Менаџерот исто така загуби дел од семејството. Сите загубивме пријатели и блиски луѓе. Ужасно е. Спортскиот комплекс во кој трениравме не е веќе во функција за ништо, не знам колку време ќе треба на цела Турција и Сирија да се вратат од оваа катастрофа која се случи“, изјави Ѓорѓиев за бугарскиот „Спортал.бг“.

Ѓорѓи Ѓорѓиев, кој има 30 години, пред Турција настапуваше во Франција, а во Бугарија остави трага во тимовите на Хебер и Марек. Во моментов тој е во родната Струмица, а спортот во Турција е во прекин поради трагедијата.