Ѓорѓиев: Успехот со Македонија е поголем од сите мои титули и МВП-признанија!

Никола Ѓорѓиев беше лидер на Македонија во победата над Унгарија со 3-0 во сетови и пласманот на Европското првенство (ЕП), прв во нашата историја. По дуелот, полн со емоции, тој зборуваше за изминатиот период и истакна дека премногу е горд за достигнатото.

„Реков и пред некој ден дека имам убаво чувство, односно дека ќе победат Летонија и Шведска и дека ние ќе играме на Европско првенство. Фер-плејот победи, ова е најсреќниот ден во мојот живот по раѓањето на мојата ќерка. Пласманот на Европско првенство со Македонија не се мери со титули, со МВП признанија и со слично. Ова е сон, круна на една генерација, ова е најсреќниот ден за сите нас. Изминатото лето беше доста тешко за нас. Поразот од Хрватска во Европската лига ме „уби“ психички. Немав желба за одбојка. Сонував да кренеме злато. Но, ова е сто пати поубаво на домашен терен да дојдеш до Европско првенство. Нон-стоп бевме блиску до ова првенство, а сега ќе сме конечно таму. Горд сум на сите момци и одбојкарски работници. Горд на Македонија што ја поддржува оваа селекција. Се надевам дека сите спортови ќе играат на големите собири и дека ќе може да се навива за нашата држава“, изјави Ѓорѓиев.

Учесници на завршниот турнир се: Македонија, Франција, Словенија, Белгија, Холандија, Русија, Србија, Германија, Италија, Бугарија, Чешка, Полска, Турција, Романија, Естонија, Словачка, Португалија, Белорусија, Украина, Грција, Шпанија, Црна Гора, Финска и Австрија.

Четири земји ќе го организираат Европското првенство: Словенија, Белгија, Холандија и Франција од 12 до 29 септември 2019 година. Завршниот турнир ќе се одигра во Париз, каде ќе се играат полуфиналните и финалните натпревари.