Ѓорѓиев: Со душа чекаме да почнат вистинските подготовки за ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација ја заврши првата фаза од подготовки во Скопје. Нашите адути на Европското првенство во септември целосно си прилагодија на методите на работа на селекторот Матијашевиќ и кондициониот тренер од Франција и без проблеми ја одработија првата фаза.

Капитенот Никола Ѓорѓиев смета дека оваа фаза на суви тренинзи е добредојдена по долгата пауза од завршувањето на националните првенства. 

„Десетина дена тренираме, овие тренинзи добро ни дојдоа, но уште сме далеку од посакуваната форма. Сонот ни стана реалност, среќни сме, имаме хармонија на тренинзите и со душа чекаме да дојде 14 јули и да почнеме со подготовките за Европското првенство. 

Жал ми е што годинава не играме Европска лига, тоа ни е голем хендикеп. Од 9 јануари кога последен пат игравме официјален натпревар, следниот дуел е 14 септември против Финска. Тој натпревар ни е како финале“, заврши Ѓорѓиев.

Од пред неколку дена нашиот најдобар одбојкар е член на Фридрисхафен во Бундеслигата. Како еден од најдобрите во Европа на својата позиција, струмичанецот ќе пристигне на континенталниот собир и ќе биде нашиот најголем адут во обид да се пласираме во втората фаза.