Ѓорѓиев: Првенството започнува сега, да уживаме со Полска – потоа храбро на Холандија и Чешка!

Македонската одбојкарска репрезентација ја декласира Црна Гора со 3-0 и е на чекор до осминафинале на Европското првенство. Водена од атмосферата во СЦ „Борис Трајковски“, нашата селекција дојде до убедлива победа и ја исполни целта. 

Капитенот Никола Ѓорѓиев беше презадоволен од постигнатиот резултат, меѓутоа тој нагласи дека тука нема да запрат. Најдобриот наш одбојкар е оптимист и најави борба до самиот крај. 

„Се надевам дека овие шест бода ќе ја одведат нашата селекција во Бари. За мене сега почнува првенството, сега доаѓа она вистинското. Оваа публика ни дава 30-40% повеќе енергија. Ова лето се „отепавме“ работа, многу жртвувавме и заслужен ни е успехот.

Да уживаме утре против Полска, па потоа да се „удриме“ гради в гради со Холандија, па да ја избегнеме Италија во осминафиналето. Верувам дека ќе дојде уште повеќе публика за следните натпревари и ќе успееме да запишеме барем уште една победа. Нема да застанеме и можеби ќе сонуваме за четвртфинале“, изјави капитенот.

Веќе утре на Македонија ѝ претстои дуел со Полска, потоа ден одмор, па натпреварите со Холандија и Чешка.