Ѓорѓиев: Немаме друг избор освен да победиме против Босна и Херцеговина

По победата на отворањето на квалификациите во Скопје против селекцијата на Босна и Херцеговина, одбојкарската репрезентација на Македонија синоќа немаше сили за надигрување против фаворизираната Турција и загуби со идентичен резултат, со кој славеше над Босанците (3-1).

Но, нашите шанси за ЕП не се загубени, а за тоа најпрво ќе мораме да славиме и на вториот натпревар против БиХ.

„Ние немаме друг избор освен да победиме против Босна и Херцеговина, а потоа да се бориме за секој поен против Турција. Убеден сум дека имаме капацитет да го подобриме приемот, а доколку го сториме тоа, сè ќе биде поинаку“, убеден е организаторот на нашата игра Ѓорѓи Ѓорѓиев.

На половина од квалификацискиот турнир во арената „Борис Трајковски“, Турција е прва со две победи и со шест бода, Македонија има 1-1, а Босна и Херцеговина е на третото место без победа и без бод досега. Тоа значи дека доколку ние триумфираме денеска, ќе го обезбедиме второто место и ќе влеземе во најтесна трка за место во елитното европско друштво. Во него, покрај првопласираните, ќе влезат и петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи.