Ѓорѓиев: Не смее веќе да даваме подароци, мора да дојдеме до перфекција

Македонската одбојкарска репрезентација заврши со тест-мечевите и веќе фокусот е вперен кон Европското првенство (ЕП) кое се игра во Словенија. Се одбројуваат деновите до официјалното деби на големите приредби за нашиот национален тим, а капитенот Никола Ѓорѓиев ветува добри резултати.

Нашиот национален тим тестираше со Австрија, Шведска, Бугарија... на подготовките, а во „генералката“ со Австријците, во двомеч, се извојува една победа и се забележа еден пораз.

„Според мене, ние сме голема репрезентација. Ќе видите дека ќе играме до 20 поени против Русија, а нашиот натпревар со Словенија ќе биде вистинско дерби. Но мора да ги отстраниме ситните грешки во играта, да бидеме на ниво како против Бугарија. Во контролата против Австријците, во сите сетови имавме по три топки коишто ни бегаа и подарувавме по три контри на противникот. Ако ги одземете тие нивни поени и ги додадете кај нас, ние ќе победевме 3:0. Затоа треба да коригираме се, односно да доведеме до перфекција“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

Првиот натпревар на ЕП за Македонија е закажан на 12 септември против Финска. На континенталниот собир ќе има и мечеви со Словенија, Русија, Турција и Белорусија.