Ѓорѓиев: Не бараме алиби за поразот, жал ми е што не ја наградивме со триумф прекрасната публика

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓорѓиев, беше искрен после поразот од Грција во квалификацискиот меч за Европското првенство и жали што играчите не успеале да ја израдуваат публиката, за која имаше само пофални зборови. 

„Беше феноменално да се игра во ваква атмосфера. Секоја чест за публиката, навистина ми е жал што не успеавме да ја израдуваме со победа. Грција во моментов прикажа подобра игра од нас, а ние не можевме да се спротивставиме после сите проблеми со кои се соочивме. 

Не барам алиби, но имавме отсуства кои можеа многу да променат на теренот. Савовски боледува од бронхопневмонија, Либидовски има повреден зглоб, Манџуков заработи повреда на грбот, така што дадовме максимум со оглед на можностите. Одигравме машки, а така ќе биде и во иднина“, изјави капитенот. 

Македонија сега има една победа и еден пораз во нашата квалификациска група. Шансите за пласман на континенталниот собир не се загубени, но ќе мора да прикажеме многу подобра игра во следните мечеви.