Ѓорѓиев: Можеме меѓу најдобрите 16 во Европа, ни треба само подготовка и здрави играчи

Вчерашната ждрепка одлучи Македонија на своето деби на Европските првенства да игра во групата Ц заедно со Русија, Словенија, Турција, Финска и Белорусија.

Капитенот на македонската репрезентација Никола Ѓорѓиев зборуваше за противниците во групната фаза и за нашите шанси за успех на континенталниот собир.

„Групата е по мерка и мене искрено ми се допаѓа. Избегнати се Бугарија и Германија, што ми беше и желба пред ждрепката. Русија е фаворит број еден во нашата група, а со сите други би можеле да се надигруваме. Можеме да ја изненадиме и Словенија, но нашите шанси реално ќе ги бараме против Финска, Турција и Белорусија.

Ова за нас ќе биде дебитантски настап и можеби го немаме искуството, но сепак долги години сме заедно и имаме доста важни натпревари во нозете. Со добра подготовка, здрави играчи без повреди и најважно да излеземе со нашата најдобра формација мислам дека можеме да се бориме за место меѓу најдобрите 16“ , вели нашиот репрезентативец.

Ѓорѓиев ги повика македонските навивачи во што поголем број да бидат дел од ЕП и да им помогнат во остврување на позитивни резултати.

„И многу важно е што сме во Љубљана, бидејќи нашите навивачи ќе можат да дојдат и да ни дадат поддршка. Се надеваме на големо бодрење од македонските фанови со чија помош полесно ќе стигнеме до посакуваниот резултат и нова историја за македонската одбојка“ , заврши капитенот.

Првенството е закажано за септември оваа година, а покрај Словенија, домаќини ќе бидат уште и Франција, Холандија и Белгија.