Ѓорѓиев: Куќата сега пак е полна, повторно сум заедно со најмилите

Најдобриот македонски одбојкар Никола Ѓорѓиев максимално ги почитуваше препораките и успешно ја мина самоизолацијата по враќањето од Германија каде со успех го носеше дресот на бундеслигашот Фридридсхафен.

Сезоната во Германија заврши, а Фридрисхафен финишира на третата позиција. Ѓорѓиев беше еден од најдобрите играчи, а имаше договор само една сезона. Поради ситуацијата со коронавирусот тој се врати дома и мина 15 ноќи во карантин. За среќа, симптоми од новиот вирус не се јавиле.

„Петнаесет ноќи бев во карантин, а на 16 ден излегов. Немав симптоми, веднаш се јавив кај надлежните за да се информирам што да правам понатаму, односно дали треба тестови. Ми соопштија дека засега не прават тестови на луѓе кои се без никакви симптоми, без разлика дали биле во изолација и од каде се дојдени. Почитував се, затоа што силно сакав пак да бидам со семејството. најмногу ми беше да си дојдам дома. Бев изолиран во посебна куќа, а сопругата и ќерката беа во нашиот стан. Ги завршив успешно сите работи, затоа што сакав да бидам чист кон себе, кон семејството, кон околината. тоа и го направив како одговорен граѓанин. Сега сум со ќерката која ја немав видено доста време. Го надополнуваме времето коешто претходно беше изгубено. Си играме нон-стоп. Куќата е полна, јас сум дома со најмилите. Не излегуваме многу, ги почитуваме препораките. Само многу кратка прошетка, кога нема луѓе, чисто да ме фати воздух“, вели Ѓорѓиев за Gol.mk.

За време на изолацијата Ѓорѓиев се потсетил на минатото, гледал стари слики и инсерти, од моменти кога играл во Македонија и во другите клубови. Истовремено и вежбал, за да се држи во форма.

„Секој ден вежбав и тоа два до два и пол часа. Во меѓувреме се навратив малку на минатото, бев доста активен на телефон. Се слушав со пријатели, соиграчи, други одбојкари и спортисти. гледав стари натпревари и се потсетив на минатото кога играв во Струмица, во младинските репрезентации, во други клубови. Мора да бидеме максимално одговорни кон светот, за да го победиме вирусот што е можно побрзо“, заврши репрезентативецот.

Никола Ѓорѓиев моментално е без клуб, а што и како ќе прави, ќе одлучува кога ситуацијата ќе се стабилизира. Коректорот зад себе има 15 професионални сезони што е за почит, со настапи во Германија, Полска Србија, Италија, Турција, Франција, Јапонија. Едноставно, кариера за почит!