Ѓорѓиев: Кога носев одлука каде ќе играм, мислев и на репрезентацијата

Најдобриот македонски одбојкар Никола Ѓорѓиев има нов клуб и кариерата ќе ја продолжи во Турција. Капитенот на националниот тим ќе игра за Инегол Беледиеспор, екипа која е во формирање.

Коректорот имаше понуди од повеќе европски земји, исто така во игра беше и клуб од Катар, но изборот падна на Турција. Инегол последната сезона во турскиот одбојкарски шампионат ја заврши на десеттото место.

„Потпишав во Турција, се враќам таму после шест сезони. Среќен сум затоа што желба ми беше да се вратам во Турција повторно. Сакав да играм во една од најквалитетните пет лиги во одбојката, тоа се Италија, Франција, Полска, Русија или Турција, затоа што сакам да го држам високото ниво на игра. Тоа ќе помогне и за репрезентацијата на Македонија со која не очекуваат нови предизвици и борба за ЕП. Не брзав многу со одлуката каде ќе продолжам. Екипата во која одам не е со шампионски амбиции, ама се работи за тим кој е во формирање и е спој на младост и искуство. Верувам дека во новата сезона заедно можеме да направиме добри резултати“, изјави Ѓорѓиев за Gol.mk.

За него ова ќе биде второ искуство во Турција, со оглед на тоа што претходно со голем успех настапуваше за Мили Пјанго. Коректорот пред да пристигне во Турција настапуваше за Фридрисхафен од Германија, а исто така беше дел и од Раднички (Србија), Форли (Италија), Мили Пјанго (Турција), Париз (Франција), Торај и Осака (Јапонија), како и Онико Варшава (Полска) и зад себе има 15 професионални сезони во одбојката, што е завиден факт.

Одбојкарските настани во Турција се очекува да започнат на стартот на септември. Од 1 до 6 септември е предвидено да се игра Купот, додека лигата се очекува да стартува во средината на септември. Ѓорѓиев има уште нешто околу две недели одмор во Македонија, а потоа ќе замине за Турција и ќе тргне во новата авантура.