• Саше Љолес
Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, беше презадоволен од изданието на „спартанците“ и изрази голема благодарност до публиката во салата „Борис Трајковски“.
Нашите одбојкари славеа многу важен триумф над Данска и широко си ги отворија вратите кон осминафиналната фаза, но за тоа ќе мора да оствариме барем уште една победа. Ѓоргиев упати голема благодарност до сите присутни и ги пофали своите соиграчи.
„Овие момчиња денес покажаа од што се направени. Беше многу тешко, но радосен сум што успеавме да го отвориме Европското првенство со победа пред домашната публика. Огромна благодарност до сите навивачи и се надевам дека на следниот натпревар салата ќе биде исполнета до последното место.
Неважно е дали сум МВП, ни падна камен од срцето. Пресреќен сум, благодарен сум на сите. Ова е голема победа за цела Македонија. Трпеливоста нè красеше, среќен сум дека тоа го исполнивме. Црна Гора ја немам гледано, сега сакам да одморам, а од утре ќе се припремаме за следниот предизвик“, рече нашиот капитен.
Македонија на „крилата“ на Ѓоргиев и Љафтов успеа да стигне до победата над ривалот од Скандинавија со 3-1 во сетови. Нашиот репрезентативен капитен прикажа спектакуларна игра, „зачинета“ со шеснаесет постигнати поени.