Ѓорѓиев: Имаме квалитет за ново ЕП, ама никако не смее да се опуштиме

Македонската одбојкарска репрезентација ги има завршните подготовки пред стартот на квалификациите за Европското првенство (ЕП). Ривали се Босна и Херцеговина и Турција, мечевите ќе се играат во Скопје, а тоа е шанса за нов континентален собир, втор во историјата.

Противници требаше да бидат и Данците, но се откажаа, па така останаа две селекции со кои според квалитетот на хартија може да се носиме. За тоа е свесен и капитенот Никола Ѓорѓиев, ама вели дека не смее да има опуштање и дека на секој меч мора да се има сериозен пристап.

„Не би сакал да се опуштиме. Според првичниот список, Босна и Херцеговина изгледа навистина добро, но голем дел од играчите нема да одговорат на повикот на селекторот. Сепак, треба да почекаме и да го видиме нивниот конечен состав. Јас мислам дека првата линија ја знам и сметам дека ние сме поквалитетни од нив. Но без разлика на тоа, треба да играме максимално затоа што знаеме дека најтешко се добиваат добиените натпревари. Имаме искуство, знаење и квалитет за да пристапиме вистински, да оствариме две победи над босанската репрезентација и потоа да се бориме со Турција за првото место во групата“, вели македонскиот капитен.

Квалификацискиот циклус стартува против БиХ, со мечеви в понеделник и четврток, а потоа следат дуели против Турците в среда и в сабота.