Ѓорѓиев: Имаме идеална шанса за нова историја во нашата одбојка!

Одбојкарската репрезентација на Македонија ги доби противниците на ЕП 2021. Националниот тим патува во Тампере, Финска, а останатите ривали се Русија, Турција, Шпанија и Холандија.

>>> Поволна група на ЕП: Одбојкарите со Русија, Финска, Турција, Шпанија и Холандија!

Капитенот на одбојкарите, Никола Ѓорѓиев, во изјава за Gol.mk потенцира дека групата е добра и изедначена и дека со максимална игра може да се испише нова одбојкарска историја.

„Искрено, пресреќен сум затоа што играме во Финска. Тоа ми беше желба, за да им вратиме за тој пораз кој го имавме на првиот меч од претходното ЕП. Групата е крајно натпреварувачка, освен Русија како голем фаворит, другите секој секого може да го победи и нивото на тие репрезентации не е различен еден во друг. Добро е што вкрстуваме со „Д“, таа група е малку послаба за разлика од А и Б. Но, има многу работа пред нас. Прво главата мора да ја насочиме кон Европската лига, а потоа кон ЕП. Ама ако говориме реално, уште од сега може да се најави нова историја за македонската одбојка, тоа е пласман во осминафинале“, ни изјави Ѓорѓиев.

Евроволејот ќе се игра од 1 до 19 септември. Титулата ја брани Србија, која во балканското финале беше подобра од Словенија. За Македонија ова ќе биде второ учество на едно Европско првенство, по она во 2019 година во Франција, Словенија, Белгија и Холандија, на кое за малку не се мина првата фаза со две победи и три порази.