Ѓорѓиев и Љафтов се херои, Македонија со триумф над Данска го отвори ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација на најубав можен начин го започна настапот на Европското првенство. „Спартанците“ ја израдуваа неколкуилјадната публика во салата „Борис Трајковски“ и славеа многу важна победа над Данска со 3-1, по сетови 22-25, 25-22, 25-19 и 25-22. 

Нашите одбојкари го отворија натпреварот со променлива игра во првиот сет. Најпрво бевме во негатива, потоа на двапати имавме водство, но Данците при резултат 13-13 успеаја да направат мини-серија од три поени, по која нашите одбојкари не успеаја комплетно да се вратат и го загубија сетот со 22-25. 

Вториот сет донесе сосема поинаква приказна. Македонија тргна многу посилно, а публиката го почувствува моментот и гласно ги бодреше нашите „спартанци“. Момците на селекторот Јошко Миленковски го искористија моментот и со сигурна игра го добија вториот сет со 25-22. 

Македонските одбојкари добија поголема мотивација и во третиот сет прикажаа уште поубедлива игра. Данска почна многу да греши, и ни „подари“ 12 поени, по што нашите репрезентативци немаа проблем да го освојат сетот со 25-19. Најпрво капитенот Никола Ѓоргиев искористи еден контра-напад за 24-19, а сетот го заверивме со поенот на Александар Љафтов. 

Четвртиот сет започна со прилично израмнета игра. Очигледна беше желбата на нашите момци што порано да го затворат мечот во своја полза, но Данска не се предаваше. Имавме водство од два поена разлика во неколку наврати, но и Данците се разбудија малку во нападот. Македонија успеа да добие две брејк-топки и го израмни резулатот на 22-22, а навивачите со громогласно навивање им дадоа поддршка на нашите одбојкари, кои со 25-22 го добија четвртиот сет и големото славје започна. 

Најефикасни во нашата репрезентација беа капитенот Никола Ѓоргиев со 16 и Александар Љафтов, кој додаде уште 15, од кои неколку во најклучните моменти од натпреварот. Следниот натпревар нашите „спартанци“ ќе го одиграат против селекцијата на Црна Гора в сабота вечер.