Ѓорѓиев: Eден од најдобрите тренери во светот ме намами во Завјерче

Македонскиот одбојкарски репрезентативец Ѓорѓи Ѓорѓиев во новата сезона ќе има нов клуб и кариерата ја продлжува во Полска каде ќе го носи дресот на Завјерче. Техничарот не го криеше задоволството од новиот ангажман и за Gol.mk истакна дека цел му било еден ден да заигра во Полска, држава која е меѓу најдобрите одбојкарски земји.

„Цел ми беше еден ден да заиграм во полскиот шампионат која е една од најдобрите лиги во светот, заедно со италијанската и руската. Имав неколку понуди и од други држави, размислував одредено време, но кога пристигна понудата од Завјерче, ја прифатив. Влијаеше и фактот дека Игор Колаковиќ застана на чело на клубот од оваа година. Сакав да бидам дел од овој клуб, да играм во полскиот шампионат и да работам со еден од најдобрите светски тренери. Очекувам напорна сезона бидејќи лигата ја сочинуваат многу екипи со квалитет и секој натпревар е ист како дерби. Силно се надевам на успешна сезона и што е можно повеќе победи“, ни изјави Ѓорѓиев.

Техничарот две сезони мина во Франција каде го носеше дресот на Париз, а претходно играше за Мили Пјанго во Турција каде соработуваше со Јошко Миленковски, како и во бугарски Марек и македонска Струмица. Завјерче ја заврши сезоната во полската најквалитетна лига на десеттата позиција.