Ѓорѓиев: Да играме уште 99 меча со Данска, нема пак вака да загубиме!

Одбојкарската репрезетнација на Македонија не го искористи домашниот терен за злато во Сребрената европска лига. Во финалето загуби од Данска, а големо е разочарувањето кај сите по дуелот во салата „Парк“.

Капитенот Никола Ѓорѓиев потенцира дека разочарувањето е огромно и одговорно тврди дека Македонија е подобра од Данска. Смета дека да се одиграат уште 99 натпревари, Македонија нема да загуби од ривалот на таков начин и ќе победи на сите од нив.

„Ова е доста големо разочарување, но што е тука е, животот оди понатаму, мора да научиме лекција. Нема назад. Оваа генерација ја крева македонската одбојка, сега паднавме, но ни доаѓа Европското првенство и може да направиме „бум“. Бев убеден дека ќе го дигнеме пехарот, првите три Европски лиги противниците беа подобри и нема зошто да се лутиме за тоа. Јас мислам дека сме подобри од Данска, да играме уште 99 натпревари, на 99 ќе ги победиме. Мора многу да работиме. Следат два месеци. Имаме убава група на ЕП, меѓутоа ако играме вака ќе испаднеме. Таму ќе бидеме аутсајдери, ќе биде полесно да се игра, па ќе атакуваме на втора рунда“, изјави Ѓорѓиев.

За Македонија ова беше четврто загубено финале во Сребрената европска лига. Долго време трае „проклетството“ за одбојкарите, кои никако не можат да го грабнат тоа посакувано злато веќе со години.