• Мартин Танасковски
Заврши одбојкарскиот сон на Македонија. Со пораз во три сета во Бари од фаворитот за злато и еден од домаќините Италија (20-25, 12-25, 15-25) дојде крајот на Европското првенство. Сепак, за пофалба е што одбојкарите направија чекор напред и за првпат во историјата играа во осминафиналето на Европските првенства.
Со тоа се согласува и капитенот Никола Ѓорѓиев, кој директно од Бари ги сподели импресиите и кажа дека е среќен и горд затоа што одбојката отишла еден чекор понапред од страна на оваа генерација.
„Искрено, по натпреварот кога емоциите спаднаа по Италија, кај мене се чувствува задоволство и гордост. Ова беше тешко и напорно лето за нас, со многу натпревари, контроли, тренинзи. Сега кога заврши се, се чувствувам горд и чувствувам среќа. Успеавме да ја кренеме македонската одбојка едно скалило погоре, меѓу најдобрите 16 сме во Европа, тоа е еден наш сон кој го сонувавме од првото ЕП, а сега го остваривме. Натпреварот со Италија беше тежок, имавме одличен прв сет, но во вториот и третиот сет Италија покажа зошто е светски и европски првак. Тешко е со такви репрезентации да се игра на висока топка, честитки до ривалот за победата, а честитки и до нас и целата Федерација, до сите навивачи. За мене ова беше прекрасно доживување“, изјави Ѓорѓиев.
Македонија го заврши ЕП 2023 со две победи, на домашен терен против Црна Гора и Данска, а подобри од нашиот национален тим беа Полска, Холандија, Чешка и Италија во нокаут-рундата.