Ѓорѓи Ѓорѓиев: ЕП е убава шанса да направиме нешто повеќе за нашата одбојка

Македонската одбојкарска репрезентација за првпат во историјата ќе игра на едно Европско првенство. Ждрепката ни донесе добри противници, а техничарот Ѓорѓи Ѓорѓиев се надева на добар настап и на нова убава страница во македонската одбојка.

Ривали на нашиот национален тим ќе бидат Русија, Словенија, Финска, Турција и Белорусија. Ѓорѓиев смета дека имаме добра група, во која може да се надеваме на добри резултати.

„Имаме една добра група на ова Европско првенство. Добро е што не се паднавме во групата „А“ која според мене е најтешка, поготово за нас како дебитанти. Другите групи се израмнети и секој има шанси со секого. Во секоја група има два изразени фаворити, тоа кај нас се Русија и Словенија како домаќин. Финска, Турција и Белорусија се добри репрезентации, меѓутоа мислам дека со борба и добра игра може да ги добиеме дуелите. Ќе биде интересно, наше е само добро да се спремиме и да покажеме што знаеме. Мислам дека ова ЕП е убава шанса да направиме нешто повеќе за нашата одбојка“, изјави Ѓорѓиев за Gol.mk.

Натпреварите на ЕП се играат во септември, а Македонија ќе игра во групата која ќе се игра во Љубљана.