Гавриловиќ: На Медитеранските игри да оствариме најмалку две победи!

Селекторот на женската одбојкарска репрезентација на Македонија, Милош Гавриловиќ, ги прокоментира очекувањата од настапот на Медитеранските игри, каде нашиот национален тим ќе продефилира со малку изменет состав. 

Гавриловиќ посакува успешен настап и најмалку две победи, со надеж за позитивни резултати и добар целокупен впечаток од Игрите. 

„По кратка пауза повторно се собравме на подготовките за Медитеранските игри. Составот е малку сменет, не се сите девојки кои беа со нас и во првиот дел. Помладите ќе настапуваат за селекцијата до 20 години.

На Медитеранските игри ќе се соочиме со репрезентации кои се на нашето ниво. Се надевам дека успеавме пред сѐ да се одмориме, но и да размислиме за сѐ - каде грешевме, кои работи беа добри и на што треба да продолжиме да работиме и да подобриме.

Ќе отпатуваме со идеја да оствариме две победи, што е моја лична цел, а зошто да не и три. Ќе видиме и противниците во кој состав ќе дојдат, но во Таранто одиме на победа. Пред тоа ќе мора добро да се подготвиме и да работиме и да напреднеме повеќе од првиот собир“, изјави селекторот. 

Одбојкарките на Медитеранските игри ќе бидат дел од групата Б, каде за противници ќе ги имаат селекциите на Турција, Грција, Алжир и Косово, додека во групата А ќе се натпреваруваат Италија, Србија, Египет, Босна и Херцеговина и Сирија.