• Мартин Танасковски
Француската одбојкарска репрезентација, двократен олимписки шамион, се пласираше во своето прво финале на Европското првенство по пауза од 11 години, откако во полуфиналето ја совлада селекцијата на Финска со 3-1 во сетови (25-17, 18-25, 25-18, 25-15).
Првите два сета понудија сосема различна слика на теренот. Французите доминираа во воведниот сет и лесно поведоа, додека Финците возвратија на идентичен начин во вториот дел од играта и израмнија на 1-1.
Се чинеше дека Финска ќе го продолжи добриот ритам и во третиот сет, но Французите навреме реагираа и брзо создадоа убедлива предност. Финците успеаја со серија поени да ја намалат негативата од осум на пет поени, по што селекторот на Франција побара тајм-аут за да го запре нивниот налет. И покрај обидите на Финска да остане конкурентна, Франција постепено ја презеде контролата и повторно дојде до водство во сетови.
Во четвртиот сет Финците влегоа поагресивно и не му дозволија на противникот лесно да се одлепи. Сепак, Французите со серија поени стигнаа до предност од 9-6 и го трасираа патот кон победата, која до крајот се покажа недостижна за Финска.
Предводена од извонредниот Матис Ено, Франција обезбеди пласман во своето прво европско финале од 2015 година. Во борбата за титулата ќе се соочи со актуелниот шампион Полска. Финска, пак, ќе има можност да се бори за бронзениот медал во натпреварот против Словенија.