• Саше Љолес
Одбојкарската репрезентација на Франција обезбеди место меѓу најдобрите четири селекции на Европското првенство, откако убедливо ја совлада Романија со 3-0 во четвртфиналниот натпревар во Софија.
Французите уште од самиот почеток ја презедоа контролата врз мечот и не ѝ дозволија на Романија да се надева на изненадување. Првиот сет го добија со 25-16, а во продолжението беа уште посигурни - 25-19 и 25-18 за конечни 3-0.
Најефикасен во победничкиот состав беше Тео Фор со 19 освоени поени, додека Франсоа Хиц додаде уште 11. Кај Романците, Кристијан-Даниел Кицигој беше најрасположен со 11 поени.
Франција сега ќе го чека исходот од четвртфиналниот дуел меѓу Италија и Финска за да го дознае својот противник во полуфиналето. Во преостанатите четвртфинални пресметки силите ќе ги одмерат Полска и Германија, односно Белгија и Словенија.
Полуфиналните натпревари се закажани за сабота во Милано, додека големото финале и мечот за бронзата ќе се играат в недела.