• Саше Љолес

Репрезентациите на Русија во машка и женска конкуренција ќе настапат во следното издание на Лигата на нации, потврди Меѓународната одбојкарска федерација (ФИВБ).
Од ФИВБ соопштија дека по разговорите со сите засегнати страни е донесена одлука за враќање на руските селекции на големите меѓународни натпреварувања. Русија ќе добие место како најдобро рангирана земја која сè уште немала обезбедено пласман.
Поради враќањето на руските тимови, турнирот во 2027 година ќе биде привремено проширен од 18 на 19 репрезентации во двете конкуренции.
Оваа одлука ќе им овозможи настап и на женската селекција на Словенија и машката репрезентација на Финска, кои според претходниот систем требаше да се квалификуваат преку ранг-листата.
ФИВБ најави и посебен антидопинг план за руските репрезентации, кој ќе биде спроведен во соработка со Меѓународната агенција за тестирање (ИТА).
Во исто време, Одбојкарската федерација на Русија информирала дека доброволно нема да учествува на Светското првенство за мажи во 2027 година, додека сè уште се разгледува можноста за настап на женската селекција на женскиот Мундијал.