Фаворитите се избегнаа во четвртфиналето на одбојкарскиот Куп

Ждрепката за четвртфиналето на македонскиот одбојкарски куп не донесе дерби натпревари во фазата на најдобрите осум. Водечкиот тим во првенството, Џио Струмица, ќе игра со Лирија, второпласираниот Универзитет во Тетово ќе ги одмери силите со Весна Пробиштип, Штип УГД Штип ќе го предизвика Вардар, а Шкендија ќе бара влез во полуфиналето против ГОК Борец.

Кај дамите најнеизвесно би требало да биде во двомечот на Наковски волеј и на Јанта волеј Кисела вода, последниот освојувач, Работнички Скопје, ќе сервира против Пелистер волеј, Вардар жени против Универзитет во Тетово, а Струмица жени против Јанта волеј Форца. 

Термините за четвртфиналето се 10 и 17 февруари, а доколку биде нерешено и со идентичен сет-количник, ќе одлучува таканаречен „златен сет” до 15 поени.