Фаворитите продолжуваат со победничкиот марш во најсилната женска одбојкарска конкуренција

Најдобрите две екипи од минатата сезона продолжуваат со победничкиот марш во најсилната женска одбојкарска конкуренција. Во петтото коло, значајни победи остварија и тимовите од Кисела вода, повозрасните одбојкарки на Јанта волеј играа за максимален ефект, а помладите за серизона трка за влез во Втората фаза -1. 

Од тој аспект, поинтересна е групата А во којашто Вардар жени триумфираше над Наковски волеј на гости за три победи предност пред дури четири екипи со надеж дека ќе завршат до третото место на табелата. Откако го совлада дебитантот Фит фан волеј во четири сета, во тоа друшто влезе и составот на Јанта волеј Форца во чиишто редови настапуваат македонските младински репрезентативки. Шанса да го напушти кругот и да напредува има Универзитет во Тетово којшто важи за фаворит во денешното одмерување на силите со УГД Студент жени. Штипјанки досега остварија само една победа, а доколку направат изненадување, тогаш и тие ќе добијат кандидатски статус за учество во главниот дел од втората првенствена етапа.

Во групата „Б“, исто така, беа забележани очекувани резултати. Работнички Скопје славеше над Струмица жени со 3-1 во најинтересниот меч од оваа рунда во којшто по првите два израмнети сета, гостинките во продолжение освоија само 23 поени. Со кренати раце беа и одбојкарките на Јанта волеј Кисела вода на теренот на Виктори волеј, но поради бод помалку и за нијанса полош сет-количник, се второпласирани зад Работнички жени, а со оглед на четирите успеси без ниту еден пораз, веќе можат да се подготвуваат за настапите во Втората фаза -1. Тоа не важи за Ускана и за Бами Кор кои во Кичево одиграа четири сета за триумф на домашниот состав иако и ним теоријата се уште им нуди шанса. Ускана е сепак поблиску до можноста да расипе нечии планови затоа што е на победа до екипите коишто се распоредени од третото до петтото место.