Фаворитите без проблем обезбедија полуфинале на женскиот одбојкарски Куп

Досега одиграните три натпревари од четвртфиналето на женскиот одбојкарски Куп завршија во три сета. Водечката екипа во шампионатот, Вардар жени 2019, славеше кај Универзитет во Тетово, а третопласираниот Работнички Скопје ја потврди фаворитската улога во Битола против Пелистер волеј. Наковски волеј, пак, со ист резултат го доби одмерувањето на силите со Јанта волеј Кисела вода, по што на реваншот во Скопје, на второпласираниот тим во првенството му е потребна победа во три сета доколку сака да се избори за решавачки „златен сет“ до 15 поени за учество во полуфиналето.

За да се најдат во него, на струмичките одбојкарки ќе им биде потребен само еден сет на гостувањето во Кисела вода. Првиот чин од четвртфиналниот двомеч екипите на Јанта волеј Форца и на Струмица жени ќе го одиграат денеска во Скопје, а во машка конкуренција, Штип УГД Штип и Вардар се договорија да го закажат воведниот меѓусебен натпревар в сабота.

Куп на Македонија (ж)
Четвртфинале:

Универзитет во Тетово – Вардар жени 2019 0-3 (19-25, 15-25, 12-25)
Наковски волеј – Јанта волеј Кисела вода 3-0 (25-23, 25-19, 26-16)
Пелистер волеј – Работнички Скопје 0-3 (13-25, 19-25, 19-25)
Јанта волеј Форца – Струмица жени