• Мартин Танасковски
Македонската репрезентативка и организаторка Ерјона Јонузи е на чекор до голем трансфер во словачкиот одбојкарски шампионат, откако сериозен интерес за нејзин ангажман покажал актуелниот шампион Слован Братислава.
Според информации на „Спортманиa“ блиски до преговорите, разговорите меѓу двете страни се во напредна фаза, иако конечен договор сè уште не е официјално постигнат. Јонузи во моментов ја носи капитенската лента во Нове Место над Вахом, каде со своите настапи остави силен впечаток.
Слован Братислава, кој минатата сезона ги освои шампионската титула и националниот куп, ја гледа Јонузи како идеално засилување на позицијата организатор. Доколку трансферот се реализира, тоа би претставувало едно од најзначајните засилувања во словачката одбојка оваа сезона, но и важен исчекор во кариерата на одбојкарката од Тетово.