Епски пресврт на одбојкарскиот турнир: Италија спаси четири меч-топки и ја „расплака“ Јапонија

Сонот на најодбојкарската нација беше многу блиску да се распрска. Селекцијата која ја има најсилната лига во светот со децении чека олимписко злато, а критиката ги означи како главни фаворити во Париз. По трите победи во групниот сегмент, меѓу нив доминантно во четири сета против Полска и Бразил, Италијанците се соочија со најголемиот предизвик досега. 

Одбојкарската селекција на Јапонија беше на раб да го приреди можеби најголемото изненадување во досегашниот дел од Летните Олимписки Игри во Париз. „Самураите“ во четвртфиналето играа неверојатна одбојка и водеа со 0-2 против моќната Италија, не искористија четири меч топки и на крај ги стигна казната. Италија славеше неверојатна победа по пет сета со 3-2 (20-25, 23-25, 27-25, 26-24, 17-15). 

„Аѕурите“ одиграа перфектно во групната фаза. Забележаа три победи од исто толку натпревари и беа големи фаворити во денешното соочување со Јапонија, но на паркетот во париската сала наидоа на супер-разигран противник, кој го одигра најдобриот натпревар на олимпискиот турнир. Сепак, кога беше најпотребно квалитетот и искуството на Италијанците беше пресудно за епскиот пресврт и пласманот меѓу четирите најдобри на турнирот.

Јапонците својот квалитет и сила ги покажаа уште во првиот сет. По израмнетиот старт и неколкуте размени на водството, „самураите“ на францускиот стручњак Филип Блан преку Ишикава и Хашида влегоа во серија и се одлепија на дури осум поени предност (12-20). Европската селекција проба да се врати во игра и заигра нешто поангажирано, но без успех и го загуби првиот сет (20-25).

Тесно и возбудливо беше и во вториот сет, со тоа што овој пат Италија имаше водство во поголемиот дел, но во самиот финиш Јапонија врза три поени и со 23-25 дојде до огромни 0-2 во сетови. Најинтересно беше во третиот сет. Јапонија повторно ја презеде контролата врз резултатот и беше на сам раб до победа. Во самиот финиш имаше три меч-топки, но не ги реализира и Италија со 27-25 стигна до намалување на негативата на 1-2. 

Атомска одбојка се играше и во четвртиот сет. Италија од почеток наметна свој стил на игра и долго време ја имаше предноста на своја страна, но во самата завршница Јапонија израмни на 24-24. Сепак, со два врзани поени „аѕурите“ се изборија за петти сет. Во одлучувачкиот сет Италија одново се одбрани од меч-топка на противникот и со два поени во серија стигна до 17-15 и пласман во полуфиналето. Блокот на Русо на втората меч-топка донесе победа и место во зоната за медали за избраниците на Де Џорџи.

Во таборот на победничката селекција најдобар поединец беше Микелети со 24 поени, додека одлични беа и Романо со 19, Лавиа со 18 и Галаси со 9 поени. Кај Јапонија, Ишикава имаше 31 поен, а десен помалку Нишида.