Епска драма и херојска победа на Македонија за финале во Сребрената европска лига!

Македонија победнички го заврши полуфиналето од плеј-офот во Сребрената европска лига, каде запиша голем триумф во дуелот со Хрватска од 3-2 (15-25, 25-19, 25-22, 21-25, 15-12). Тоа значи дека македонските одбојкари ќе играат за златниот медал, а противникот ќе го очекуваат од вториот полуфинален пар кој го сочинуваат Данска и Унгарија.

Домашниот терен немаше никаква улога во првиот сет. Гостинските одбојкари беа мотивирани да направат позитивен резултат и започнаа според планот. Македонската репрезентација стигна до предност од 5-4, а потоа следуваше слободен пад. Хрватите направија серија од 9-1 и ја направија клупната разлика, која ја зголемуваа како што одминуваше сетот.

Следуваше мирен почеток на вториот сет, со неколку водства на двете страни. Одново Хрватска беше екипата која прва се одвои. Во нашиот тим ништо не функционираше, а сите обиди беа одлично прочитани од ривалот. Матијашевиќ мораше да бара минута пауза за да ја прекине серијата на гостинскиот тим. Тоа се случи на половина сет, кога хрватскиот селектор одговори со тајм-аут, кога Македонија стигна до пресврт и резултат 16-14. Моментот се прерфрли на страната на нашите репрезентативци, кои израмнија со рутинска игра до крајот на сетот. 

Добрата игра македонската селекција ја пренесе и во третиот сет. Воведниот дел им припадна на избраниците на Матијашевиќ. Хрватите често грешеа на сервис, што беше максимално искористено од наша страна. Љафтов направи разлика со својот разорен сервис, но сепак неизвесноста траеше до самиот финиш. Одлучуваа деталите, а тие беа на страна на Македонија, која направи пресврт во мечот. Капитенот Ѓорѓиев се разигра во вистинско време и беше клучниот играч за освојување на вториот сет.

Хрватска подобро започна во четвртиот сет и брзо поведе со 4-8, благодарение на нашите лоши акции за напад. Блокот на гостите функционираше беспрекорно и беше клучен фактор во исходот на сетот. Победникот и патникот во големото финале се одлучуваше со петтиот сет, како што беше случајот во 2018 година.

Во одлучувачкиот сет нашите избраници отворија во грч и Хрватска продолжи да игра квалитетно и да се избори за посериозно водство, но „спартанците“ повторно покажаа карактер и желба за успех и израмнија на 7-7. Следуваше минута одмор за гостите и совети од клупата, но ниту тоа не им помогна, затоа што момците на Матијашевиќ продолжија со фантастичната игра и со 15-12 заслужено сi обезбедија учество во финалето.

  • Комплетниот натпревар меѓу Македонија и Хрватска: 

Наш противник во борбата за трофејот ќе биде победникот од вториот полуфинален натпревар меѓу Унгарија и Данска.