ЕП сè подалеку, одбојкарите со наведнати глави ја напуштија Украина

Во „Палатата на спортовите“ во Запорожје, одбојкарската репрезентација на Македонија го запиша третиот пораз во евроквалификациите, откако немаше сили за изненадување против разиграната селекција на Украина (3-1). Со овој пораз, одбојкарите на Матијашевиќ ја сведоа на минимум историската шанса за пласман на континенталниот собир, кој оваа година се игра во Белгија, Франција, Холандија и Словенија. 

Мечот беше отворен со подобра игра на домаќините, кои со серија на поени се одлепија на 7-3, што беше знак и за прв тајм-аут за селекторот Матијашевиќ. Но, и тој не донесе подобрување на играта на нашата репрезентација, во која расположен беше само Ѓорѓиев, па Украинците само ја зголемуваа својата позитива и го освоија првиот сет со 25-19.

Вториот сет беше отворен со два поени за нашата репзрезентација, на што домаќините возвратија со два лесни поени и израмнија на 2-2. Следеше период поен за поен се до 8-8, кога Македонија врза серија поени и со асот на Владо Милев за првпат поведовме со +2 (8-10), а потоа Македонија имаше и највисоки +4 (10-14). Следеше пад на играта на нашите одбојкари, Украина врза три поини во серија, што беше нов знак за тајм-аут за нашиот селектор. По него македонските одбојкари возвратија со серија и по поенот на капитенот Николаа Ѓорѓиев се одлепија на 15-18, што Украина возврати со 4-0 и поведе со 19-18. Вистинска драма се случуваше во завршницата на сетот. Украина поведе со 24-22, Македонија израмни на 24-24, потоа беше и 26-26, за да на крајот посреќни бидат домаќините и го добијат сетот со 28-26.

Ниту на стартот од третиот сет работите на теренот не се променија. Украина тргна офанзивно и моќно и веднаш си создаде позитива од три поени (13-10), по што следуваше тај-аут на нашиот селектор. Советите на искусниот Матијашевиќ вродија со плод и нашите одбојкари со серија од пет поени стигнаа до позитива од два поени (13-15), која не ја испуштија до самиот крај и заслужено стигнаа до намалување од 2-1 во сетови.  

Четвртиот сет ни донесе многу атрактивни поени и возбудувања, водството наизменично се менуваше, но на крај среќата им го сврти грбот на македонските одбојкари и домаќинот стигна до победа од 3-1 во сетови (25-22).

Никола Ѓорѓиев со 26 поени беше убедливо најдобар поединец на натпреварот, а Љафтов освои 17. Кај победничката украинска селекција победата ја донесоа Јерешенко со 18 и Виетски со 15 поени. 

На едно коло до крајот Украина веќе се пласира на Европското првенство, додека Македонија ја дели втората позиција со Швајцарија со по шест освоени бода. Последна е Унгарија, против која ќе се сретнеме за четири дена во Скопје. Сега, за обезбедување на втората позиција на табелата потребен ни е триумф над Унгарија, но истиот не ни обезбедува учество на континенталниот собир, бидејќи во групата на второпласираните паднавме на четвртата позиција со скор од една победа и три порази и во последното коло треба да се надеваме на порази на Израел, Азербејџан и Норвешка.