ЕП 2019: Македонија од последниот шешир ќе ја чека ждрепката за групната фаза

Македонската одбојкарска репрезентација вчера ја победи Унгарија со 3-0 и се избори за историски пласман на Европското првенство, кое оваа година ќе биде организирано во четири држави.

За првпат во нашата историја, сениорите ќе ги одмерат силите со светските одбојкарски сили, а ждрепката ќе ја дочекаат во последниот шешир. Таму се уште и Белорусија, Романија и Австрија. Од учесниците на континенталниот собир, само Украина не може да ни биде ривал во групната фаза, бидејќи таа беше дел од нашата квалфикациска група.

Носители во четирите групи се домаќините Холандија, Франција, Белгија и Словенија.

Според правилникот, секоја победа од 3-0 или 3-1 носи три бода и ниту еден за поразениот, а триумф од 3-2 ќе донесе два бода за победничкиот тим и еден за ривалот.

Европскиот одбојкарски собир е закажан за септември оваа година (13-29 септември).