Џио Струмица реагираше до ОФМ: „Се извинуваме за тоа што немаме пари...“

Македонскиот одбојкарски клуб Џио Струмица ја осуди одлуката на Одбојкарската федерација на Македонија да ја суспендира нивната сала.

Оценката на ОФМ е дека салата не ги исполнува потребните услови. Тоа предизвика реакција од струмичкиот тим кој испрати писмо до челниците на федерацијата.

  • Писмото ви го пренесуваме во целост:

,,Драга Одбојкарска федерација на Македонија , на нашата екипа и е преку глава од да биде „црна овца“ во првенството. Како да е малку што 80% од репрезентацијата на Македонија е излезена од нашата екипа, како да е малку што буквално сами ја држиме одбојката у Македонија на некое пристојно ниво и што секоја година се бориме за шампионска титула или сме шампиони.

Се извинуваме што немаме пари да ве носиме на скапи ручеци и вечери. Се извинуваме што секогаш сме граделе спортска култура и спортски дух и сме прогледувале низ прсти безброј пати. Се извинуваме што имавме доверба во вас како федерација да се грижи за доброто на сите екипи, а не само тие од кои има корист.

Може да зборуваме и за тоа колку имате капацетитет да организирате фер и правично првенство (и дали сакате да го направите тоа ).. И за тоа како половина од вашите судии не ги знаат основните правила на одбојкарската игра.. Може да зборуваме и за вечноста на некои луѓе во федерацијата кои го донесоа нашиот сакан спорт на раб до пропаст. Ама не, тоа го оставаме за друг ден.

Денес имаме друга тема на дискусија. За тоа како
салата „Партизан“ во Струмица.. во која нашата екипа се натпреварува веќе десет години, вклучувајќи ја и оваа сезона. Во истата сала во која се натпреварува и екипата на Виктори Волеј во женска конкуренција.. Одеднаш, од денес не е доволно добра за одбојка, и екипата на ОК Џио Струмица треба да си најде нов дом за да ги одигра таму преостанатите натпревари од првенството. Со цел нашата екипа да биде спречена да дојде до уште една титула.

Сме играле одбојка на -18, сме играле одбојка на +40. Половина од салите во Македонија немаат соблекувални, другата половина немаат топла вода. Ама само „нашата“ „Партизан“, не чини.

Луѓето во овој клуб се вложиле премногу пот, солзи и крв.. За да дозволиме да не третирате како рак во националното првенство и да сакате да не исечете да не тргнете настрана.

Одбиваме да ги играме сите останати натпревари од првенството на гостински терен. Одбиваме да бидеме „попаметните“ кои попуштаат, по не знае кој пат".