Џио Струмица против Борец, Тетово со Вардар во полуфиналето во одбојкарскиот шампионат

Натпреварите од деветтото коло во Втората фаза-1 во македонскиот одбојкарски шампионат донесоа очекувани резултати. Џио Струмица славеше на гостувањето кај Вардар со 3-0 и математички го обезбеди првото место пред почетокот на разигрувањето иако во овој сегмент треба да биде одигран уште еден круг, односно секоја екипа ќе истрча на терен уште трипати. 

Универзитет во Тетово се радуваше над ГОК Борец 3-1, па без оглед на резултаите од другите средби, јасно е дека во полуфиналето ќе влезе од втората позиција. Вардарци имаат позитива од три победи и 11 бода во однос на ГОК Борец, такашто и овие два тима нема да можат да ги менуваат позициите, што значи дека уште отсега се познати полуфиналните двојки во елиминацискиот дел. Џио Струмица ќе се сретне со ГОК Борец, а Универзитет во Тетото ќе игра со Вардар. Ваквиот расплет се насетуваше одамна со оглед на квалитетот на составите. Последниот освојувач на двојната круна, Џио Струмица, загуби само еден од 18 натпревари, а против црвено-црните сезонава има четири победи на четири настапи, што е одлична најава пред нивниот меѓусебен утрешен дуел на завршниот турнир од купот. 

На последните две скалила до Куп-пехарот, првото во полуфиналето против Шкендија, Универзитет во Тетово ќе исчекори со лигашки ефект 14-4, а тоа сугерира дека е фаворит за пласман во неделното финале на турнирот во салата „Парк“ во Струмица.