Џио Струмица од 0-2 до триумф во Тетово, лесни победи за Шутова и Вардар

Џио Струмица беше на прагот на вториот пораз едноподруго, но иако губеше со 0-2 во сетови, успеа да го најде патот до трета победа над Универзитет во Тетово сезонава (23-25, 14-25, 25-19, 25-20, 15-13).

Според очекувањата, дербито на двете најдобри екипи досега донесе возбуда којашто му прилегаше на централениот одбојкарски настан викендов, додека, пак, на другите два натпревара лесно се препознаваа улогите на фаворити и аутсајдери.

Иако има математички шанси и за поинаков епилог, јасно е дека со триумфот под Шара, шампионот од Струмица ја обезбеди „пол-позицијата“ во разигрувањето. Тетовчани, пак, ја прекинаа серијата од три победи и веќе нема да сонуваат за лидерската привилегија на влезот во елиминацискиот сегмент, но се уште имаат комотна позитива од две победи во однос на третопласираниот Вардар.

Со оглед на противниците до крајот на Втората фаза-1 во одбојкарскиот шампионат, како и на фактот што има седум бода повеќе од вардарци, Универзитет во Тетово се наоѓа пред пред теоретска потврда на второто место, значајно затоа што обезбедува предност на домашен терен во полуфиналната серија од разигрувањето.

На другите два меча во мак-одбојката, Шутова славаше шестипат по ред, сега на теренот на Весна Пробиштип (20-25,17-25, 9-25), а Вардар немаше тешка задача против Лирија и беше подобар со 3-0 (25-15, 25-11, 25-11).