Џио Струмица и Вардар рутински до нови победи во одбојкарскиот шампионат

Фаворитите очекувано лесно ја завршија работата, Јанта волеј ја доби пресметката на екипите без победа до нивниот саботен натпревар, а денешниот дуел во Тетово, пак, ќе има силно влијание во трката за четврото место на табелата, а со тоа и за изгледот на Втората фаза – 1 напролет во најквалитетната македонска одбојкарска конкуренција. 

Тоа се карактеристиките на шестото коло во коешто Џио Струмица и Универзитет во Тетово го задржаа максималниот ефект. Актуелниот првак славеше против Штип УГД Штип со 3-0 и поради подобар поен-количник остана лидер во Првата лига. Униоверзитет во Тетово одигра два доминантни сета против Лирија и триумфираше со истиот резултат, но поради тоа што досега загуби 15 поени повеќе од струмичани, и натаму е второпласирана екипа. Тетовци се надеваат дека може да има ротација на првите две позции веќе во наредното коло во коешто тие ќе играат со Весна Пробиштип дома, а Џио Струмица ќе има потешка задача затоа што ќе гостува кај Вардар. Црвено-црните се третопласирани со еден пораз досега, а петтата победа ја остварија на теренот на Весна Пробиштип со само 39 загубени поени.

Во соочувањето за прв сезонски успех, Јанта волеј се радуваше во мечот со Дибра волеј и со оглед на поразот на Лирија, напредуваше на осмото место. Дибра остана единствен тим без освоен сет досега, а ниту еден триумф нема и Лирија иако лани играше во главниот натпреварувачки сегмент. Зо него аспирации во тековната сезона имаат Шкендија, ГОК Борец и Штип УГД Штип, а токму оваа и наредната првенствена рунда можат да го одговорат прашањето кој ќе им се приклучи на трите фаворити во Втората фаза -1. Најголеми шанси има Шкендија поради четирите победи досега, една повеќе од денешниот ривал ГОК Борец и од штипјани.