Џио Струмица и Вардар пред првите европски предизвици

По подолго време, сезонава две наши екипи ќе играат во европските одбојкарски купови. Од денес до среда Џио Струмица и Вардар ќе настапат во шеснаестинафиналето на Челенџ купот на ЦЕВ. Актуелниот освојувач на двојната круна кај нас ќе сервира против Омонија од Кипар, а скопскиот тим против словенечки Калцит Камник.

Со оглед на низа околности, македонските претставници решија двата натпревара да ги одиграат на теренот на противниците, а поради квалитетот, поголеми шанси за успех има составот на Џио Струмица. Со Владо Милев, со Лука Костиќ и со Васе Михаилов како засилувања на примачката позиција и неколку перспективни одбојкари во составот, тренерот Кирил Ричлиев ќе се обиде да ја мине кипарската екипа во којашто интернационалци се мексиканскиот техничарот Педро Рангел и црногорскиот примач Марко Бојиќ. Ако успее во намерата, ќе се пласира во осминафиналната фаза во којашто ќе се сретне со подобриот од двомечот меѓу фаворитот Зират банка Анкара и Фонте бастардо од Португалија.

Првата пресметка меѓу Џио Струмица и Омонија е закажана за дене од 17:00 часот, а реваншот е утре напладне. Вардар, пак, на теренот на Калцит Камник првпат ќе истрча утре, а вторпат в среда, двата дена од 20:00 часот, со надеж дека ќе може да одигра достоинствено против словенечкиот тим којшто ја носи улогата на фаворит. Прво име во редовите на Калцит е коректорот Митја Гаспарини, кој изгради импресивна интернационална кариера, а покрај него, Клобучар и Шталекар се стандарден дел од словенечката репрезентација. Доколку направат спортско чудо, вардарци во осминафиналето ќе одат на поуспешниот од двомечот меѓу Јекабелис од Литванија и фаворизираната италијанска екипа Алианц Пауерплеј од Милано.