Џио Струмица и Универзитет во Тетово во директен дуел за есенската титула

Завршните натпревари од првиот дел во најсилната машка одбојкарска лига кај нас, ќе решаваат за водечкото место на табелата, како и за последниот патник во Втората фаза -1, а со тоа и за настап во разигрувањето за титулата. Дербито на сезоната досега ќе биде в понеделник меѓу Џио Струмица и Универзитет во Тетово, како епилог на осмата прволигашка рунда. Претходно, двете најдобри екипи ќе ги одиграат средбите од последното коло од оваа етапа, а во нив струмичани се апсолутни фаворити против Дибра волеј, како и тетовци во градската пресметка со Шкендија. Доколку нема резултатски изненадувања, тогаш ГОК Борец ќе ја задржи позицијата во елитниот квартет и ќе обезбеди учество во главниот лигашки сегмент. Впрочем, на гостувањето во Скопје кај Вардар, велешани имаат можност во директен дуел да се пробијат дури и на третото место, но црвено-црните во пресметката на „Кале“ ќе влезат со амбиција да ја забележат седмата победа, а со тоа да останат на чекор до поразената екипа од дербито во салата „Парк“. Во него, Универзитет во Тетово би требало да влезе од водечката позиција затоа што на седум мечеви не загуби сет, а Џио Струмица во дербито со Вардар славеше со 3-1. Се разбира, ова ќе важи само доколку Универзитет биде беспрекорен во соочувањето со Шкендија утре по коешто ќе биде јасно каков конечен изглед ќе имаат 12-те кола од Втората фаза -1, но и полуфиналето од шампионатот. Дилемата може да биде отстранета и претходно во случај ГОК Борец да освои два сета, а со тоа и бод против Вардар.

Другите натпревари закажани за наредните три дена ќе имаат влијание во Втората фаза -2 во којашто шест тима ќе се надигруваат двокружно за конечниот пласман од петтото до десеттото место во сезоната 2020/21. Откако ги загубија шансите за влез во првата четворка, одбојкарите на Штип УГД Штип ќе ги пречекаат ривалите од Јанта волеј со надеж да ја забележат четвртата победа. Во меѓусебната пресметка, Лирија и Весна Пробиштип ќе сервираат за третата, а пред неделното гостување кај Џио Струмица, единствена екипа без радост е Дибра волеј.

Деветто коло:
Вардар – ГОК Борец (сабота, 11:00)
Универзитет во Тетово – Шкендија (сабота, 19:00)
Штип УГД Штип – Јанта волеј (сабота, 17:00)
Лирија – Весна Пробиштип (сабота, 19:30)
Дибра волеј – Џио Струмица (недела, 13:00)

Осмо коло:
Џио Струмица – Универзитет во Тетово (понеделник, 17:30)