Џио Струмица и ГОК Борец го отвораат седмото коло, дербито утре во Тетово

Седмото коло од Втората фаза содржи натпревари коишто ќе решаваат за второто место во двете квалитативни конкуренции. Во елитната, Универзитет во Тетово ќе го пречека Вардар со амбиција да направи предност од две победи во однос на ривалот, а со тоа да обезбеди подобра позиција во пресрет на нивниот, се повеќе извесен, меѓусебен дуел во полуфиналето од разигрувањето. Тетовци досега остварија биланс 11-4, а црвено-црните 10-5, но за разлика од првата пресметка во Втората фаза-1 кога скопскиот тим се радуваше на гостински терен, сега составите имаат поинаков квалитет, па домашниот во средбата ќе влезе со фаворитска улога. Ако ја потврди, ќе се радува на третиот триумф во четвртиот сезонски настап против Вардар. Универзитет досега беше подобар на двете соочувања во Скопје, а третопласираната екипа на табелата славеше во Тетово. Во Втората фаза-1, Џио Струмица денеска против ГОК Борец треба само да го завери 16. првенствен успех, а со тоа да ја продолжи максималната серија против велешани со коишто ќе се соочи во полуфиналето на разигрувањето.

И во Втората фаза-2 битката за првото место изгледа завршена. Шкендија дојде до 11 триумфи и во пресрет на гостувањето кај Штип УГД има три повеќе од најблискиот конкурент, а тоа е токму утрешниот противник. Лирија е трета со победа заостанување во однос на штипјани, но со успех на свој терен против Јанта волеј може да се врати на втората позиција во ова друштво доколку Штип УГД го загуби дуелот со Шкендија. Весна Пробиштип е апсолутен фаворит против Дибра волеј, но според досегашните резултати, нема да може да го подобри пласманот иако теоретски се уште има шанси да го стори тоа до крајот на сезоната.

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (Седмо коло)
Џио Струмица – ГОК Борец (денес, 18:00)
Универзитет во Тетово – Вардар (сабота, 15:30)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (Седмо коло)
Штип УГД Штип – Шкендија (сабота, 14:00)
Лирија – Јанта волеј (сабота, 18:15)
Весна Пробиштип – Дибра волеј (сабота, 14:00)