Двете непоразени женски одбојкарски екипи на мегдан в понеделник

Големо дерби и два натпревара за пласман меѓу првите четири екипи, како и директен дуел за врвот во понеквалитетниот сегмент од Првата лига (жени). Тоа е понудата за второто коло во Втората фаза коешто ќе ја отстрани дилемата за водечката позиција пред зимската пауза. В понеделник досега непоразените Јанта волеј Кисела вода и Вардар жени ќе играат за осмата победа сезонава. Црвено-црните не загубија ниту еден сет на претходните седум настапи, па во дербито ќе влезат од челното место на табелата, а Јанта волеј КВ еднаш победи со 3-1, еднаш со 3-2, па во однос на ривалот има два бода помалку и полош сет-количник. Но без оглед на тоа, успех во меѓусебното соочување ќе значи прво место за одбојкарките од Кисела вода.

На третото засега е Работнички Скопје, кој во случај на триумф на гостувањето кај Наковски волеј може да напредува за една позиција, а притоа ќе направи голема предност во однос на утрешниот противник. Оттука, одбојкарките на Наковски волеј се под поголем притисок да го добијат овој меч, затоа што со евентуален пораз ќе имаат заостанување од дури три победи зад Работнички Скопје и зад поразениот од дербито. Тоа важи и за Универзитет во Тетово и за Струмица жени, кои исто така, имаат по четири победи во досегашниот тек од сезоната, па поразениот во нивната утрешна средба значително ќе го загуби чекорот во однос на водечкото трио, но победникот може да презими на четвртото место.

Во Втората фаза -2, исто така, има дерби на водечките екипи. Пелистер волеј и Фит фан волеј се радуваа четирипати на седум настапи, па поуспешниот во Битола утре ќе има шанса да биде лидер во овој натпреварувачки сегмент иако сериозен претендент за првото место е и Јанта волеј Форца. Скопската екипа ќе истрча на теренот на Македонија Макс, а со оглед дека има ист број победи и бодови како Пелистер волеј и Фит фан волеј, во зависност од резултатот од Битола, може да го освои првото место. На другите два натпревара коишто засега не можат да влијаат на водечката тројка, Виктори волеј ќе оди кај УГД Студент жени, а Бами Кор и Ускана се договорија да играат в среда.

Втора фаза -1, (Второ коло)
Јанта волеј КВ – Вардар жени (понеделник, 17:30)
Наковски волеј – Работнички Скопје (сабота, 18:00)
Универзитет во Тетово – Струмица жени (сабота, 18:00)

Втора фаза -2, (Второ коло)
Пелистер волеј – Фит фан волеј (сабота, 15:30)
Македонија Макс – Јанта волеј Форца (сабота, 18:30)
УГД Студент жени – Виктори волеј (сабота, 17:30)
Бами Кор – Ускана (16.декември, 19:00)