• Саше Љолес

Женската одбојкарска репрезентација на Бразил се пласира меѓу четирите најдобри на Олимписките игри, откако во четвртфиналната фаза славеше со убедливи 3-0 над Доминиканската Република, по сетови 25-22, 25-13, 25-17. „Кариоките“ ја оправдаа фаворитската улога и се пласираа во медал зоната, каде и им е местото. Девојките од малата земја во Средна Америка како една од третопласираните селекции дојде до четвртфиналето, но немаше сили за подвиг.
Бразилките не се испотија премногу, иако Доминиканките одиграа солидно во првиот сет, но потоа на паркетот имаше само еден тим кој доминираше во секој сегмент. Одлично издание имаа Диана, Натиња и капитенката Габи, кои комбинираа неколку прекрасни поени и само го најавија убедливиот триумф за својата селекција.
Габи Гимараеш со 20 поени беше играч на натпреварот, а Ана Кристина Соуза ја следеше со 14 поени. Двоцифрена беше и Розамарио Монтибелер со 11 поени. Кај Доминиканките се истакна Јонкаира Пења со 12 поени.
Во полуфиналето Бразилките ќе се соочат со подобрата селекција од дуелот меѓу Соединетите Американски Држави и Полска. Овој натпревар е закажан за терминот во 17:00 часот. Утрово Турција се „чекира“ во полуфиналето со победата во пет сета против Кина.