Доминацијата на Струмица продолжува, втор освоен Куп пред домашната публика

Одбојкарите на Џио Струмица ја одбранија титулата во Купот на Македонија во одбојка, откако слично како и минатата година со победа во сите натпревари ја покажаа доминацијата во мак-одбојката.

Струмичката публика виде гледливо финале во кое струмичани го надиграа дебитантот во финалните натпревари, Универзитетот во Тетово со 3-0 во сетови (25-18, 27-25, 25-17). Во текот на целиот финален дуел фаворитот диктираше темпо, техничарот Ричлиев „диригираше“, а и во смечот и во блокот разликата беше видлива. Во вториот сет се чинеше дека тетовчани имаат енергија за пресврт, израмнија на 24-25, спасувајќи две сет топки, но загубија на разлика.

За нешто повеќе од еден и пол час, „скршен“ беше отпорот на тетовчани, водени од Јовица Симовски. Медалите и преодниот пехар на старо-новите шампиони им ги предаде првиот човек на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски. 

Со освоената Куп-титула најодбојкарскиот град заврши само половина од задачата и од првата стартна позиција ќе тргне во плеј-офот. Засилената Шутова, Вардар и Универзитетот во Тетово се протикандидатите кои ќе се обидат во тешката мисија да ја одземат титулата на Џио Струмица. 

Aко работите одат по планот на струмичани, шестата двојна круна нема да им побегне на одбојкарите на Џио Струмица.