Документарецот за подвигот на македонските одбојкари награден во Будва

По успехот на „Среќна 13-ка“ на фестивалите за спортски документарни филмови во Милано и во Златибор, Македонската Радио Телевизија доби награда и за делото „Живеејќи го сонот“, овој пат на фестивалот БСАФФ („Budva sports and arts film festival“), во категоријата најдобар долгометражен документарец.

Тандемот Тони Ристовски (режисер) - Тони Стојановски (сценарист) го направи овој филм за да ја раскаже приказната за македонската машка одбојкарска репрезентација којашто играше три Европски првенства по ред, во услови кога овој спорт кај нас е далеку од професионално ниво.

„Оваа приказна е инспиративна и поучна. Јас ја знам од мојата работа како коментатор на одбојкарски натпревари во минатите десет години. Сметавме дека пошироката јавност треба да биде запознаена со деталите за сите ние заедно во иднина да носиме вистински одлуки кога правиме напор да развиеме некој спорт и со тоа да ја афирмираме Македонија", вели Стојановски.

На филмскиот фестивал во Будва имаше пријави за 70-тина филмови, а помалку од половина беа прикажани за посетителите. Будва е една од 130 членки на ФИКТС фестивалот во Милано којшто е под капата на Интернационалниот Олимписки Комитет, а важи за светско првенство на спортски документарци.

„Победата во Будва значи пласман во Милано каде што лани ја освоивме наградата "Mention d'honneur", појасно кажано, бевме финалисти со „Среќна 13-ка“ во истата категорија - долгометражен спортски документарец. Со нас се натпреваруваа филмови од САД, Мексико, Бразил, Шведска, Германија и од Чешка, победи чешкиот филм, а ние како финалисти завршивме втори. Сега, претстојниот ноември во Милано, сакаме да бидеме први со одбојкарскиот филм", вели режисерот Ристовски.

Два филма, три фестивали, три награди за Тони и за Тони од МРТ. Почетокот во оваа соработка е успешен, па двоецот Т&Т ветува дека и во иднина ќе има уште спортски проекти.