Добри вести за Македонија: Ѓорѓиев и Деспотовски застанаа во стројот на Матијашевиќ

Македонската одбојкарска репрезентација има голема шанса да обезбеди пласман на Европското првенство, кое наредната година ќе се одржи во Словенија, Белгија, Франција и Холандија.

Селекторот Никола Матијашевиќ доби одлични вести во пресрет на мечот со Украина, а тоа е санирањето на повредата на капитенот Никола Ѓорѓиев. Исто така, Филип Деспотовски денес го одржа првиот тренинг откако претходно паузираше поради вирус. 

„Јас сум слаб калкулатор, математички слабо гледам кои и какви се групите. Големи се шансите да бидеме втори, доколку ги добиеме Унгарците кај нас, а потоа треба да бидеме во кругот репрезентации коишто ќе се пласираат врз база на збирот на победи и на бодови. Но, јас на тоа не гледам така. Шансата е добра, но за мене прва приказна е Украина. Наша цел е да ги нападнеме и да добиеме барем еден сет. Украина е најдобра во групата и го покажа тоа со резултатите. А ако добиеме сет, зошто не и два? Ако добиеме два, зошто не и три? Еве, тоа е некоја филозофија за којашто јас мислам дека е вистинска. Ние треба да се бориме за секој сет, па ако може и да го добиеме натпреварот, а ако го направиме тоа, шансите ќе бидат многу големи“, вели македонскиот селектор.

Историската шанса би можела да донесе дополнителен притисок кај нашите одбојкари, што не му се допаѓа на предводникот на нашиот национален тим.

„Јас уште пред да дојдам, слушнав големи зборови како „историска шанса“, „да се биде или не“ итн. Но, мислам дека одбојка ќе се игра во Македонија и по овие два натпревара, особено ако се квалификуваме, тогаш ќе биде попријатно да се игра. Не би рекол дека е последна шанса, но сигурно е најголема досега. Јас верувам во оваа екипа и верувам дека шансата ќе ја искористиме“, заврши Матијашевиќ.

Според калкулациите, нам може да ни биде доволна и само една победа за историски, премиерен пласман на континенталниот самит наредната година, иако посигурна опција би било да освоиме два сета, а со тоа и еден бод во Запорожје на 5 јануари. Четири дена подоцна ќе ја пречекаме Унгарија.