Деспотовски: Веруваме во нас, зошто да не ја изненадиме Украина?

Одбојкарската репрезентација на Македонија го одработи последниот тренинг пред заминувањето за Запорожје, каде се игра натпреварот против Украина, претпоследен во квалификациите за Европското првенство (ЕП).

Шанси за историски пласман на континенталниот собир за нашите одбојкари постојат. Техничарот на македонската репрезентација, Филип Деспотовски е полн со оптимизам и така го најави мечот со Украинците.

„Зошто да не? Украина е посилен противник од нас, но ова е одбојка, топка е во прашање, ние знаеме да играме, подготвени сме и не треба да не изнеади позитивен резултат. Веруваме и ќе одиме во Запорожје по позитивен резултат, без разлика колку на хартија да се поквалитетни од нас. Грч секогаш постои, без него не може да се игра и тоа е секогаш така, особено кога влогот е голем. Сепак, мислам дека ќе го пребродиме тоа со добар натпревар во Украина“, вели Деспотовски.

По дуелот во Украина, следи меч против Унгарија во Скопје, кој би можел да биде клучен за нашиот национален тим, во зависност од резултатот на средбата во Запорожје.