Деспотовски: Со Финска мора сите пет елементи во играта да се совршени

Филип Деспотовски, техничарот на македонската одбојкарска репрезентација, го најави Европското првенство (ЕП) во Словенија и истакна дека нашиот национален тим ќе мора да има перфектен ден на дебито со Финска ако сака резултат.

Со Финска досега немаме натпревари, па отсуствува параметар за споредба на силите.

„Сè мора да функционира, сите пет елементи на играта треба да бидат на совршени, а сите ние да имаме свој ден. Предноста на противникот е во трпеливоста на играта, па затоа не смееме да бидеме опуштени и треба постојано да внимаваме. Го чекаме стартот и мора добро да влеземе во мечот”, вели техничарот .

Финска има огромен играчки потенцијал, затоа си дозволи во Европската лига, во квалификациите за Олимпијадата и на пријателските со Естонија да ротира две репрезентации барајќи го вистинскиот тим.

Првиот натпревар на ЕП за Македонија против Финска е закажан в четврток, од 17:30 часот во салата „Стожице“ во Љубљана.